Само 5% од компаниите извезуват во странство

Само 5% од македонските компании извезуваат во странство. Од нив малку се малите и средни претпријатија, главно доминираат големите индустриски капацитети – велат од Стопанскаат комора на Македонија. Малите бизниси главно продаваат дома и во регионот, а многу ретко некој се изборил за да извезува во западно европските држави. Имаат ограничени ресурси и кубурат со пари. Имаат проблеми со финансирањето на нивните инвестиции, неопходни за да вложат во нови производи кои ќе ги исполнуваат европските стандарди.

– Во Македонија извозно се ориентирани околу пет проценти од компаниите, а доминираат големите фирми. ЕЕН е ориентирана кон малите и средни компании, им стоиме на располагање и цело време им нудиме можности и за технолошка соработка и за научно истражувачка работа и за останата економска соработка. Работиме во рамки на капацитетите на малите и средни претпријатија, не можеме да го подобриме нивниот капацитет, но можеме да направиме оние кои се подготвени за соработка да им најдеме одредени канали да ја остварат таа соработка, рече Виктор Стојмановски од Европска мрежа на бизнис можности ЕЕН Македонија.

Малите и средни компании имаат на располагање повеќе можности за наоѓање партнери од европските пазари. Една од нив е мобилната апликација за бизнис можности која е поврзана со базата на компании од Европската унија. За скоро 3 месеци, преку оваа мрежа, 300 компании од ИТ секторот, металопрарботувачката и текстилната индустрија барале партнери во странство или пак се информирале преку кои домашни и странски програми можат да аплицираат за кредити и грантови за финансирање на планираните инвестиции.

Тања Попова