Само 2% од возилата се на плин, Македонците претпочитаат дизел и бензин

Македонија генерално има стар возен парк, со просечна старост на возилата од 18 години. Половина од регистрираните автомобили возат на дизел, додека, над 219.000 се на бензин, на гас или метан се само 12.000, или само 2,6% од возилата.

Во Македонија има над 400.000 регистрирани автомобили со просечна старост од 18 години. Од нив, над 80 отсто се постари од 10 години, а речиси половина користат дизелски погон.

Забележително е дека со растот на бројот на возила во Македонија и дозволениот увоз на половни се менува и процентот на застапеност на дизелашите во однос на бензинците. Така, во 2012 од вкупно 301.000 автомобили на дизел биле помалку од една третина. Таа бројка расте и во 2016 има близу 200.000 дизел автомобили, што е речиси половина од вкупниот број автомобили со што се изедначува со бројот на бензин возилата.

Бројот на електрични возила, иако незначителен, е намален, па така од 41 возило во 2012 , во 2016 има само 37 електро-возила во Македонија.

За професорите од Машинскиот факултет, транспортот не е главен фактор за цврсти честички, ниту во Скопје ниту во другите градови, но сепак нешто треба да се воведе во врска со емисиите на возилата.

– Дали се тоа вакви лепенки, дали е тоа даночење по емисија, што ќе оди во фондот за животна средина, кој ќе се справува со оваа тема. Некаков систем во кој ги промовираме зелените возила треба да направиме, па макар и ваков систем со лепенки со кој, без разлика колку некој вистински загадува, бидејќи не знаеме колку километри поминува, ставаме лепенка и го ограничуваме каде во градот смее да вози. Сметам дека за почеток може да се направи доста полесно или полабаво ограничување, така што Еуро 4, 5 и 6 треба да се зелена лепенка, а да се промовираат возила на метан, што секако ќе добијат зелена лепенка, вели професорот од Машинскиот факултет Даме Димитровски.

Емисијата на цврсти честички при согорување на пропан бутан или метан е речиси нула. Затоа, од Владата со новите законски измени најавија и субвенции за електрични и хибридни возила, како и субвенции за нафтен гас или метан.

Паралелно, еколошката категоризација на возилата преку налепниците со други зборови би значела дека граѓаните тешко ќе можат да ги возат своите автомобили, зашто ретко кој од граѓаните има еколошки автомобил со стандарди Евро 5 и Евро 6.

Инаку, еколошките налепници во црвена, жолта и зелена боја се неприфатливи за опозицијата, зашто сметаат, дека со нив, дефинитивно нема да се намали загадувањето. Од опозицијата реагираат, дека над 80% од возниот парк е постар од 10 години, што би значело дека ќе биде категоризиран со црвена, а најмногу со жолта еко налепница, со што, ќе се направи голема дискриманција на граѓаните.

Борис Грујоски