Само 16 студенти ќе го изучуваат македонскиот јазик – кој ќе ги чува македонскиот збор и слово?

Од 190 слободни места на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, оваа учебна година се пополнети само 16 места. Информациите се поразителни и поради фактот оваа бројка ги опфаќа и редовните и вонредните студенти. Оваа година на насоката „Македонски јазик“ во првиот уписен рок, се запишале само осум студенти, а на „Македонска книжевност и јужнословенски книжевности“ седум редовни и вонреден студент. 

Според професорката Искра Пановска Димкова која е раководител на Катедрата за македонски јазик, намалениот интерес кај младите да се запишуваат на оваа катедра се должи на неисполнетите ветувања за промени на Филолошкиот факултет и немањето национална стратегија.  

Ние постојано зборуваме дека нешто мора да се преземе, во смисла на некоја национална стратегија, но се уште остануваме само на ветување. Се отворија многу групи, нема толкав интерес, ако се соберат сите студенти, пак доаѓа некоја релативно мала бројка. Инсистиравме да има стипендии, за Mакедонски јазик, како дел од нашиот идентитет, но не се остварува. Најдобрите години секако беа пред да се отворат факултетите во другите градови, самата група што студираше во Скопје едноставно е поделена во четири градови. Тогаш се почувствува големиот пад на Катедрата за Mакедонски јазик – коментира, професорката Искра Пановска Димкова, раководител на Катедра по македонски јазик.

Слабиот интерес на новите генерации да ги изучуваат македонскиот јазик и книжевноста се должи и на неможноста за вработување, недостигот на мотивација но и ниските плати како наставник или професор. Според претседателката на образовната комисија на ВМРО-ДПМНЕ Весна Јаневска, младите се демотивираат поради лошите образовни политики, партизација при вработувањето и ниските примања доколку би успеале да се вработат

Лошата државна политика, лошиот стандард и иселувањето на младите. Потоа лошите образовни политики, и партизација во вработувањето, посебно во образованието.  Директорите треба да водат сметка исклучиво за квалитетот. Годинава гледаме дека многу факултети остануваат полупразни, но освен вработувањето, причина е и лошиот стандард, ниските плати на наставниците. Тие си го бараат чарето во странство и затоа се запишуваат на факултети кои ќе им помогнат да се вработат во западно-европски земји. Кој ќе го брани македонскиот јазик? Не останува никој, бидејќи и тие што го бранат, стареат, одат во пензија, Македонија станува земја на возрасни луѓе, ќе биде многу сериозен проблем. Државата треба да преземе мерки. Факт е дека има стипендии на факултетите за струките кои фалат, но овој уписен рок покажа дека тоа не е доволно. Потребна е стратегија како да го браниме и чуваме македонскиот јазик и како да ги зачуваме младите во земјава – коментира претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.

Бројките на запишани студенти на Катедрата за македонски јазик и Катедрата за македонска книжевност беа поразителни и претходните години. Лани се запишале само 22 студенти, а во 2020 10 студенти на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ и 10 на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во првиот уписен рок.

Адријана Алексиеска