Само утрово петмина колабирале поради топлото време – пензионерите и хронично болните први на удар

Автобуските постојки, пазарите и банките. На овие места деновиве најчесто се упатуваат медицинските екипи на службата за итна помош, а поради топлотни удари и колапси вообичаено на повозрасни пациенти. Од таму велат дека пензионерите, хронично болните и асматичарите се први на удар на високите температури што ја зафатија земјава и советуваат, обврските, граѓаните да ги завршуваат пред 11 часот. Само во утринските часови петмина колабирале поради топлото време.

-Од утрово петмина колабираа, најчесто се случува на повозрасни пациенти, пензионери. Препораката е граѓаните да ги завршуваат обврските до 11 часот. Се случува повеќе пациенти да имаат проблеми со притисокот поради високите температури, вели Д-р Изабела Слезенковска.

Граѓаните што ги пресретнавме низ скопските улици на пладне, велат дека топлото време не им пречи премногу, а повеќе тегоби им задава температурната разлика која во текот на некои денови е 10 степени Целзиусови. Велат, ги почитуваат препораките на лекарите.

Топлото време носи и ризик за труења со храна. Лекарите постојано апелираат да се внимава со млечните производи и сладоледите од кои најчесто пациентите завршуваат со стомачни инфекции.

Намалување на температурите треба да има од четврток, за кога, според метеоролозите се очекуваат и врнежи од дожд.

Сања Трајковска Ставров