Само „Макпетрол“ ги поевтини горивата и го поскапе дизелот, новите цени возачите ќе ги дознаат директно на бензинските пумпи

Бензините поевтинуваат за еден денар, а дизелот поскапува за половина денар по литар, но само на бензинските пумпи на Макпетрол. Само оваа компанија досега ги објави новите цени по кои ќе се точат горива од полноќ. Од „Макпетрол“ тврдат дека според нивните пресметки, кога цените би се определувале по старата методологија, би биле повисоки од оние што фирмата ги утврдила денеска.
Новите цени на горивата на бензинските на другите трговци ќе можат да се дознаат директно на бензинските пумпи од денеска на полноќ. Иако трговците сами ќе треба да ги утврдат цените на нафтените деривати, од Регулаторна препорачуваат мало поевтинување кај бензините и иста или малку зголемена цена на дизелот. Велат такви биле трендовите во цената на нафтата и курсот на денарот во однос на доларот во изминатите две недели. Им порачуваат на трговците да не предизвикуваат ценовни шокови.

-Не очекувам трговците да направат било каква авантура и да предизвикаат од утре ценовен шок. Доколку го направат тоа при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе во предвид, но од мојата комуникација со поголемите трговци со нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на вакуум периодот и очекувам да ги следат цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот што и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки. И со новата методологија најголемо влијание ќе имаат цените на сите деривати на светските берзи, како и курсот на доларот, рече Бислимовски.

Од РКЕ уверуваат дека кога ќе профункционира новата методологија, цените на горивата ќе останат на слично ниво. Граѓаните се разочарани бидејќи откако од пресметката се исклучи досегашниот трошок од 29 долари за тон кој ѝ се признаваше на Окта, очекуваа поевтинување на горивата. РКЕ пак, најавува дека ќе признава зголемени трошоци за транспорт, складирање, маржа за малите трговци и друго.

Трговците за првпат се најдоа во улога да одлучуваат за цените на горивата, откако екс претседателот Иванов не ги потпиша законските измени со кои требаше да се усвои нова методологија. Од Регулаторна очекуваат Пендаровски да стави потпис на законските измени, тие да се усвојат во собранието и веќе од наредниот понеделник комисијата да продолжи да ги утврдува малопродажните цени, но отсега тоа да го прави еднаш неделно.

Тања Попова