Самоиловото царство било бугарско: Ѓоргиев и колегите бугаризираа дел од македонската историја

Самоиловата тврдина во Охрид била бугарско царство, Цар Самоил бил бугарски цар. Ваков договор ни скроија македонските историчари кои се дел од заединчката историска комисија. Она што генерации го учеле во државава веќе не е така, сега идните генерации ќе учат нова историја, напишана од Драги Ѓоргиев и членовите на заедничката историска комисија.

-Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија, се вели во протоколот.

Бугарската теза е прифатена и во однос на светите браќа Кирил и Методиј, па сега нивното одбележување во 19-от век започнало во Пловдив, Бугарија, а не кај нас. Ова сега е факт со потпис од македонска страна.

-Денот на нивниот црковен празник започнува да се одбележува во училиштата. За првпат тоа се случува во Пловдив во 1851 година. Процесот на духовно будење и еманципација наоѓа израз во сеприсутното одбележување на празникот во многу училишта на територијата на современа Република Северна Македонија и Република Бугарија, се вели во протоколот.

Она што досега сме го учеле очигледно ќе треба да го заборавиме, по бугарски диктат ќе менуваме историски факти, прецизно напишани во протоколот. Таму се вели сме имале неосновани историографски сугестии за античката историја. Ќе мораме да ги менуваме и историските географски карти на Македонија.

-Констатира извесни недостатоци односно можности за подобрување. Со оглед на тоа, се препорачува избегнување на: неосновани историографски сугестии за античката историја, недостатоци во историската географија при користење на картите коишто не соодветствуваат со конкретното историско време и контекст, фактографски непрецизности, се вели во протоколот.

По бугарски диктат сега ќе ги менуваме и историските факти за мисијата на апостол Павле.

-Сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Република Северна Македонија се неосновани, се вели во протоколот.

По бугарски диктат сега ќе учиме повеќе и за Тракијците и Дарданите. Според овој протокол се добива впечаток дека жртвата повторно е Македонија, прифатено е се што е бугарска теза, што е нов голем пораз за државата, барем според историчарите.

Матеја Петровски