Сакате на „баци рака“? Не кај римскиот Папа, еве и зошто…

За време на еднодневната посета во Лорето, римскиот Папа Франциск I беше регистриран од камерите во еден серијал одбивања да ја подаде својата рака кон верниците кои сакаа да ја бакнат.

Понтифот доаѓа во историска еднодневна посета на Македонија на 7-ми мај, па доколку некој граѓанин има прилика да го поздрави, еве што очигледно Папата не сака да направите.

Пред Вториот Ватикански совет, беше вообичаено повеќето свештеници и верници да го бакнат прстенот на Папата како знак на почит и покорност, но и двајцата претходници на Франциск се обидуваа да ја прекинат оваа пракса во приликите кога Папата се поздравува со верниците.

Според новинарот Питер Сиволд во мега-интервјуто „Светлината на светот“, Бенедикт XVI и официјално го забранил бакнувањето на раката на папата иако „никој не го следел новиот протокол“. Франциск одбивал да му биде бакнувана раката и додека бил кардинал на Буенос Аирес, од каде дојде на престолот во Рим.

Американскиот дописник од Ватикан Џерард О’Конел пишува дека и кога кардиналите по изборот на Франциск сакале да ја изразат својата верност кон него, тој се обидел да ги спречи во намерата да му ја бакнат раката или прстенот, пренесува Американ Магазин.