САД тврдат дека Русија го прекршила договорот за нуклерано оружје, русите ги обвинија САД дека ја уништиле правната рамка

Извештајот на атомските научници минатата недела покажа колку човештвото е блиску до самоуништување. Тие ги наведоа руската инвазија на Украина, нуклеарните тензии и климатските промени како нивни главни причини.

Стејт департментот вели дека Русија го прекршила новиот договор „СТАРТ“, кој го ограничува бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што САД и Русија можат да ги распоредат како и распоредувањето на ракети и бомбардери базирани на копно и подморници за нивно испорачување.

САД велат дека Русија не дозволува инспекции на нејзините објекти како што се бара со договорот. Но, заменик-портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, вели дека Русија лесно може да ја врати усогласеноста доколку сака.

„Постои јасен пат за враќање. Сè што треба да направи Русија е да дозволи инспекциски активности на нејзината територија, исто како што тоа го правеше со години според новиот договор СТАРТ и да се состане на седница на билатералната консултативна комисија. Ништо не ги спречува руските инспекторите да дојдат во САД и да спроведат инспекција“рече Пател.

Руските власти ги обвинија САД, истакнувајќи ја поддршката на Вашингтон за Украина додека таа се брани од руската инвазија и ги прекинаа американските инспекции на руските нуклеарни постројки во август. Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија сè уште е заинтересирана да се придржува до новиот договор.

„Без разлика колку е тажна ситуацијата во моментов, некои алузии мора да останат. Сметаме дека продолжувањето на овој договор е многу важно, тој барем не е остварлив, но хипотетички остварлив. Во спротивно, гледаме дека САД всушност ја уништија правната рамка“, вели Песков.

Еден аналитичар изјави за Гласот на Америка дека има неколку причини зошто Москва можеби го прекршува договорот. Ричард Вајц е директор на Центарот за политичко-воени анализи на Институтот Хадсон.

„Во најдобар случај, Русија се обидува да побара уште некои отстапки од САД, можеби да добие повеќе инспекции на американските системи. Во најлош случај, Русија го држи процесот на стратешка контрола на оружјето како заложник на руско-украинската војна“, вели Вајц.

Русија, исто така, одби да ја отфрли можноста за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина, што ги поттикна глобалните стравувања од нуклеарна катастрофа.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста