САД се подготвени да реагираат, но во моментов нема опасност од руски нуклеарен напад

Русија има најголеми резерви на нуклеарно оружје во светот и експертите велат дека има 10 пати повеќе тактичко нуклеарно оружје од САД. Во март 2018 година, рускиот претседател Владимир Путин претстави низа нови оружја, велејќи дека тие можат да ја погодат речиси секоја точка во светот и да не бидат пресретнати. Сега кога Путин трпи воени загуби во Украина, тој се закани дека ќе ги искористи „сите средства што му се на располагање“ за да ја одбрани Русија.

Белата куќа одговори на непотврдените извештаи дека Русија можеби го придвижува нуклеарното оружје кон границата со Украина.

„Ние многу сериозно ја сфаќаме секоја напомена на нуклеарно оружје, но сакам да кажам дека не видовме причина да ја прилагодиме нашата сопствена стратешка нуклеарна положба, ниту пак имаме индикации дека Русија се подготвува непосредно да употреби нуклеарно оружје”, рече Карин Жан-Пјер, портпаролката на Белата куќа.

Со оглед на воените загуби, Русија најави мобилизација што предизвика стотици илјади Руси да избегаат од земјата.

Експертот за национална безбедност Мичел Валерстин вели дека Путин би го прекршил долгогодишното табу доколку користи нуклеарно оружје.

„Ова би било преминување на црвената линија што ниту една земја не ја поминала од Втората светска војна, а загриженоста е што, бидејќи тој се повеќе се наоѓа во ќош и открива дека има ограничени опции, дека може да се обиде да употреби мало тактичко нуклеарно оружје, многу помало веројатно од она што беше употребено во Хирошима и Нагасаки во основа за да се обиде да го обезглави украинскиот режим во Киев или едноставно да каже: „Видете, јас можам ова да го направам“, вели Мичел Валерстин, од советот за надворешни работи на Чикаго.

Загрижени се и други експерти. Џејмс Актон е ко-директор на Програмата за нуклеарна политика во Карнеги фондацијата за меѓународен мир.

„Мислам дека ако оваа војна тргне во лоша насока за Путин, ако тој се соочи со катастрофален воен пораз, ако неговото задржување на власт изгледа загрозено, ако руската економија е на работ на колапс, тогаш не ја исклучувам можноста Русија да искористи нуклеарно оружје. Мислам дека тоа не е толку веројатно, но дека е поверојатно сега отколку во кое било време од крајот на Студената војна“, вели Џејмс Актон, од фондацијата Карнеги за меѓународен мир.

Актон верува дека и покрај неговата храброст, Путин нема да користи нуклеарно оружје за да победи во војната против Украина.

„Целта е да се преплаши Украина, нејзините западни поддржувачи, особено САД, дека заканата од понатамошна ескалација, заканата од уште полоша сеопфатна нуклеарна војна, може да ги преплаши и да се повлечат, да бараат мир, правејќи отстапки и давајќи му на Путин излез да се спаси од пораз, додава Актон.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека неговите сили постигнуваат успеси, заземајќи десетици села во источна и јужна Украина.

Руското Министерство за одбрана призна дека руските сили се повлекле пред украинската контраофанзива.

Нуклеарните експерти за Гласот на Америка велат дека доколку Путин посегне по нуклеарно оружје во Украина, САД би знаеле за тоа.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

Advertisements