САД поднесоа обвинение против Асанж за ковање заговор со Челси Менинг

Американските обвинители денеска соопштија дека поднеле обвинение против основачот на Викиликс Џулијан Асанж, кој заедно со поранешниот американски разузнавачки аналитичар Челси Менинг, ковал заговор во обид да пристапи до доверливи информации во компјутерот на американската влада во 2010 година.

Асанж, кој беше уапсен денеска во амбасадата на Еквадор во Лондон, се соочува со максимум пет години затвор, се наведува во соопштението на американското Министерство за правда.

Основачот на „Викиликс” е обвинет дека му помагал на Менинг да ја пробие лозинката, со помош на која успеал да пристапи до податоци во компјутерите на Пентагон.

Адвокатот на Асанж претходно изјави дека неговиот клиент планира да се бори против обвинувањата на САД.

Асанж е на пат кон Судот во Вестминстер, кој ќе одлучи за неговата екстрадиција во САД.

Тој беше уапсен откако Владата на Еквадор му го укина азилот.

Британската премиерка Тереза Меј го поздрави денешното апсење на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж и оцени дека тоа покажало оти никој не е над законот.

– Сигурна сум дека целиот Долен дом (британски Парламент) ќе ја поздрави веста дела лондонската полиција го уапси Џулијан Асанж поради кршење на условите за ослободување, по речиси седум години поминати во еквадорската амбасада. Тоа покажува дека во Обединетото Кралство никој не е над законот, истакна Меј во обраќањето пред пратениците.