САД планираат да почнат трговски преговори со Јапонија, ЕУ и Велика Британија

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера го извести Конгресот за своите планови за склучување трговски договори со ЕУ, Јапонија и Велика Британија.

Најавата доаѓа две недели откако беше постигнат договорот за слободна трговија меѓу САД, Канада и Мексико.

САД и Јапонија минатиот месец соопштија дека ќе почнат трговски преговори. Во јули, Трамп се договараше да почне преговори за намалување на трговскиот дефицит со ЕУ. Тој од поодамна истакнува дека сака да има „пакт со Велика Британија“, која во моментов се обидува да постигне договор за Брегзит.

Според американскиот трговски закон, Службата на постојаниот трговски претставник на САД мора да ги извести пратениците за тоа што се надева дека ќе постигне, најмалку 30 дена пред официјалниот почеток на преговорите.

Експертите, сепак, прогнозираат дека секој од трите процеси на преговарање ќе се соочи со проблем.