САД испраќаат моќни ракетни системи во Украина

САД ќе испорачаат нов пакет воена опрема за Украина, вреден 700 милиони долари. Претседателот Џо Бајден најави дека тоа е најсовремениот ракетен систем, кој може да гранатира делови од Русија. Главен услов за испорака на ваквото оружје, од кое се очекува да го измени текот на војната е прифаќањето на Украина, да не напаѓа на територија на Русија. 

Со овој потег ние НЕ ја охрабруваме Украина да напаѓа руска територија. Војната во Украина секако ќе заврши по дипломатски пат, но со ова оружје властите во Киев ќе добијат подобра позиција на преговарачката маса.  Напредните ракетни системи и муниција ќе им овозможат попрецизно да ги гаѓаат клучните цели на бојното поле во Украина, изјави Џо Бајден.

Ваквата одлука ја поздрави украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој потврди дека неговата земја нема планови да ја нападне Русија, туку да ја брани својата териотрија.

Знам дека луѓето во САД или некој во Белата куќа, вели дека би можеле да ги искористиме американските повеќенаменски ракетни системи за да ја нападнеме Русија. Ние немаме планови да ја нападнеме Русија. Ние не сме заинтересирани за Руската федерација и не се бориме за нивната територија, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски,.
Москва пак негативно го оцени овој нов пакет американска воена помош за Украина, во кој се вклучени и испорака на ракетни системи ХИМАРС.

Несоодветни се обидите на Вашингтон да покаже дека испораката на таквото оружје содржи елементи на „самоограничување“ за Киев. Сметаме дека е целосно негативно, а обидите да се прикаже одлуката како да содржи елемент на самовоздржаност се бескорисни,
изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

Во меѓувреме Руските сили се приближуваат кон источниот град Северодонецк, војниците ја презеле контролата врз поголемиот дел од градот. Шефот на регионалната воена управа на Луганск изјави дека 90 отсто од куќите во градот се оштетени и целата критична инфраструктура е целосно уништена. Тешките борби продолжуваат, соопштија украинските власти.

Бојана Златкова

Advertisements