САД го става на црна листа, Ковачевски му ги простува злоделата, со новиот кз 15 случаи против Мерко паѓаат во вода
Власта не се бори со корупцијата, напротив, преку измените на кривичниот законик се амнестираат токму луѓе кои се најдоа и на „црната листа“ на САД. Со измените на законот, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е ослободен од дури 15 случаи кои се водат против него, а неодамна токму американската амбасада го објави името на Мерко како лице кое е на црната листа на САД заради корупција. Од американската амбасада тогаш изјавија дека ги знаеле доказите за негово коруптивно работење и злоупотреба на градоначалничката функција.
Но сепак се чини дека ова не беше доволна порака до Владата дека треба да расчистат со криминалците од своите редови, и експресно си донесоа измени на кривичниот законик, со залепено европско знаменце, со кои низа политичари кои се сомничат дека ја злоупотребувале службената положба се ослободени од истраги.
На последната прес-конференција на американската амбасадорка Агелер таа кажа тие нема да дојдат во Македонија да апсат некого, но интересно ќе биде да се види какви дејствија ќе бидат преземени по означувањата. Не е моја работа како амбасадор на САД да им кажувам на институциите тука што треба да преземат, рече Агелер.
По се изгледа институциите нема да превземат никакви дејствија, оти за 15 случаи на Мерко тој со измените изгласани и предложени токму од ДУИ од каде што е тој, СДСМ и АА, Мерко се ослободува од истрагите.
Инаку Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против Марко оформени од почетокот на годинава, а постапува и во два предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети. Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите. Меѓутоа останатиот дел уште е предмет на проверки.
Со измените кои властите сами си ги изгласаа покрај застарувањето на делата се намалуваат и затворските казни на криминалците од највисоки редови.
Со измените на Кривичниот законик со ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор.
Ставот 5 кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените се брише и не постои веќе.