САД го поздрави, Русија го спори процесот на спроведување на Преспанскиот договор

Русија нема ништо против Договорот помеѓу Скопје и Атина, но го смета за спорен легитимитетот на процесот. Официјална Москва реагира дека САД и други западни земји со сила сакале да ги вовлечат во НАТО, Македонија и другите земји од регионот.

Рускиот претседател Путин, во пресрет на утрешната посета на Белград изјави дека САД сакаат да остварат доминација, но и предупредува дека со тоа се дестабилизирал целиот регион. Во интервју за белградските весници „Политика“ и „Вечерње новости“, Путин изјави дека „Македонија со сила, исто како и Црна Гора претходно, се внесувала во Алијансата, наспроти волјата на народот“.

  • Минатата година, дури и започна процесот на донесување уставни амандмани и преименување на оваа држава, ревидирање на темелите на македонскиот национален идентитет за насилно внесување на Република Македонија во НАТО. Беше игнорирана волјата на македонските гласачи, референдумот за промена на името не успеа, но надворешниот притисок продолжи, вели Путин.

За разлика од Москва, официјален Вашингтон смета дека со усвојувањето на договорот од Преспа, македонските лидери покажале храброст во решавањето на спорот за името.

  • Македонските лидери покажаа визија, храброст и упорност во решавање на спорот за името, што ќе и` дозволи на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија, соопшти Стејт департментот, нагласувајќи дека САД на ова гледаат како историска можност да се подобрат стабилноста, безбедноста и просперитетот во целиот регион.

Во сличен тон е и ставот на официјален Брисел, од каде велат дека внимателно ги следат националните процедури кои треба да се спроведат за имплементација на Договорот од Преспа.

Борис Грујоски