Русите соборија украински авион, Украинците погодија уште еден руски брод – борбите продолжуваат…

Руските вооружени сили соборија украински авион во регионот Харков, како и два украински ракетни фрлачи и радарска единица за воздушна одбрана. Ова го потврди руското Министерство за одбрана, додавајќи дека руските сили ја нападнале и нафтената рафинерија во Полтава, уништувајќи го нејзиниот производствен капацитет и резервоарите за гориво.

Од друга страна, украинските сили погодија уште еден руски брод во Црното Море додека се обидувал да достави противоздушен систем на Змијскиот остров, тврди Олексиј Арестович советникот на украинскиот претеседател. Тој вели дека станува збор за логистичкиот руски брод „Всеволод Бобров“, кој е тешко оштетен, но не и потонат.

Украинската армија објави снимка на која се гледаат уништени руски воени возила и урнат мост во источна Украина, на премин на реката Сиверски Доњец. Според, британското Министерство за одбрана, украинските сили успешно спречиле обид за руско преминување на реката во Донбас, при што Русија покрај воените возила изгубила и најмалку една група од баталјонот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во новото видео обраќање истакна дека Русија претпе тактички пораз, за кој нема да признаат.

„Стратешкиот пораз на Русија е веќе очигледен за сите во светот, па дури и за оние кои сè уште комуницираат со нив. Русија сè уште нема храброст да го признае тоа. Тие се кукавици и се обидуваат да ја сокријат вистината зад проектили, воздушни и артилериски напади“, рече Зеленски.

Денеска во Киев започна првото судење за воени злосторства откако почна руската инвазија на Украина. На обвинителната клупа е 21-годишниот Русин Вадим Шишмарин, кој е обвинет за убиство на 62-годишен цивил. Според обвинението, војникот Шишмарин го убил цивилот на 28 февруари во селото Чупакивка додека возел велосипед и зборувал на телофон.

Дополнителни 500 милиони евра воена помош за Украина, ветува шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел. Тој вели дека воената поддршка ќе биде за тешко оружје, како што се тенкови и артилерија, што ќе ја зголеми помошта од ЕУ за Украина на околу 2 милијарди евра. Борел посочи дека е уверен оти во наредните денови може да се постигне договор за ембарго на руската нафта.

Поврзани вести