РСБСП: Внимателно возење при обилни летни врнежи од дожд

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) им препорачува на возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги занемаруваат предупредувањата од метеоролозите и моменталните услови на патот и особено да внимаваат кога возат при обилни летни врнежи од дожд.

– Доколку за време на патувањето ве фати невреме проследено со обилни врнежи од дожд, грмотевици и ветер, тогаш задолжително намалете ја брзината на движење за 10 или 20 километри на час и избегнувајте возење низ поплавени улици и области. Кога дождот е многу силен и видливоста преку ветробранското стакло е намалена до 50 метри – запрете, тргнете се на страна и почекајте да се намали интензитетот на врнење, велат од РСБСП.

При поголеми брзини, додаваат, автомобилот го губи контатктот со подлогата, се подига од патот и се однесува како да скија на водатата. Ако се случи тоа забавите до онаа брзина кога автомобилот ќе го чувствувате нормално.

– Во случај да останете дефект на патот при обилини врнежи од дожд, осигурајте се дека автомобилот е надвор од патотот. Тргнете го на страна и вклучете ги трепкачите. Обезбедете ја околината со траголник или со конуси. Не излегувајте од возилото. Побарајте помош и почекајте во возилото. Доколку сакате сами да се соочите со проблемот на возилото, почекајте да престане врнењето, облечете рефлектирачки елек и бидете внимателни, препорачуваат од РСБСП.

Оттаму нагласуваат дека условите за возење, особено во лето, се менуваат многу брзо.

– После дождот се појавува сонцето, водата испарува и се јавува нов проблем за возачите – магла. Иако оваа магла не е толку густа и опасна како маглата во зима, сепак бидете претпазливи, вклучете ги магленките на време и намалете ја брзината пред да навлезете во маглата. Особено бидете внимателни кога возите по угорнина, рид или планинско место. Намалете ја брзината пред да почнете да го качувате ридот. Можноста да има запрен автомобил, одрон на карпа или колона возила е голема, а поради маглата нема да имате можност да ги видите на време, посочуваат од РСБСП.

Внимателното возење, нагласуваат, е клучно за безбедноста на секој учесник во сообраќајот, а одговорноста при возењето е одлика на карактерот на секој возач и придонесува за безбедно одвивање на сообраќајот.