Ромите остануваат верни на долгата ѓурѓовденска традиција

6-ти мај, 2022 година. За православните верници „Ѓурѓовден“, за ромската популација пак, традиционалниот празник „Едерлези“. Прилепските Роми, исто како и во старите времиња, уште од претпладневните часови се упатуваа до блиското излетничкото место викано „Светецот“, за со печено јагне, скара и песна да го пречекаат празникот. Носталгично велат дека во последниве години, иако празникот не е тоа што бил некогаш, сепак тие си го почитуваат.

 „Ние постарите уште си ја држиме оваа традиција, а младите избегнуваат, нејќат….Јас мислам дека ова треба да продолжи, ова е ден на пролетта и не смее да се запостави“, – ни рече Решад Салиоски.

  „Имавме јадење, пиење си правевме, излегувавме горе, тоа кај нас се вика „На нога“, сега веќе народот ја намали таа работа, сега сме повеќе во џамијата..Сега, колку е помодерен животот, ама пари нема доволно, тешко е веќе, народот нема, еве, гледајте, луѓе нема, немаат пари народот“, – вели Вефки Шабаноски.

 „Ова е празник, ден на пролетта, ние го викаме „Ѓурѓовден“, Турците го викаат „Едерлез“ и.т.н. Тоа дава еден почеток, зимата ја напуштаме и влегуваме во летна состојба…Си продолжува, сега ќе имаме наследници ние“, – убеден е Бајрам Рифатоски.

  „Во времето кога се славеше беше многу поинтересно, многу пољубезно. Со душа чекавме да дојде овој ден и да излеземе на зеленило“, – кажа Амер Еминоски.

    Нашите соговорници ни раскажаа и една легенда за светото место „Самовилец“, каде што има лековита вода, заради што денешниот празник, според нив, имал уште поголема тежина и уште поголемо значење за луѓето од сите вери.

   „Останало од дедо, прадедо. Има едно такво место кое не може никој да го најде, им дошло на сон на нашите предци. Сега таму има лековита вода и така го наследивме ние. Мене ми дојде на сон, од 1974 година сум таму како домаќин и идат луѓе од сите градови, идат кои што немаат деца и им дошло на сон дека на фиљан место има вода лековита и таму после 01 часот ја пуштаме водата, ноќе, му даваме водичка, се мие образ, си оставаат предвреме некое аливце тука да му стои“, – ни рече Бајрам Рифатоски.

  „И ден денеска е така таму, има многу луѓе што имаат видено многу добрина од таа света вода…Значи, се уште постои таа света вода, ама некој народ може не верува во тоа“, – објаснува Амер Еминоски.

   Инаку, Ѓурѓовден го прославуваат Ромите од целиот свет. Според преданијата, Ѓурговден го означува прекинувањето на зимувањето и прославувањето на доаѓањето на пролетта. Кака традиционален номадски народ, Ромите со овој празник го одбележувале покренувањето на чергата и повторното заминување на пат.

Каролина Дурло