НАЈНОВИ ВЕСТИ

Романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски добитник е на наградата „Рациново признание“ за 2023 година

Во конкуренција на 14 пристигнати книги на исто толку македонски автори, романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски, добитник е на наградата „Рациново признание“ за 2023 година.

„Посочениот роман се издвои од преостанатите книги со својата оригинална раскажувачка структура, умешното водење на приказната низ полифонијата на перцепции и вештата игра со фактите и книжевната фикција. Тој понуди интересна, несекојдневна и нестереотипна приказна и раскажувачка постапка и оттаму веруваме дека ќе го привлече вниманието на читателската публика и ќе влезе во значајните дела на македонската книжевност,“ гласи одлуката на Комисијата за доделување на наградата во состав Јасминка Делова-Силјанова, професор на Филолошки факултет, катедра славистика, д-р Снежана Петрова-Џамбазова од Институт за македонски јазик и Маја Апостолоска, писателка.

Одлуката во име на Организацискиот одбор на манифестацијата „Рацинови средби“ ја соопшти актерот Жарко Спасевски во спомен куќата на Коста Солев Рацин.

На годинешниот лауреат „Рациновото признание“, писателот Миневски, ќе му биде врачено утре вечер на свеченото отворање на годинешните,јубилејни, „60 Рацинови средби“ што ќе се одржи во Спомен костурницата во Велес со почеток во 20:00 часот. Пред доделувањето на наградата „Беседа за Рацин“ ќе одржи д-р Васил Тоциновски.