Рокот истече, дилемите останаа – ќе се казнува ли истакнување на Сонцето од Кутлеш

Вчера на полноќ истече законскиот рок од одредбата на Преспанскиот Договор на кој што се согласи македонската Влада, а со кој во период од шест месеци требаше да биде отстранет симболот од првото знаме на независна Македонија – Сонцето од Кутлеш, од сите јавни објекти и површини.

Иако рокот за исполнување на договореното во Нивици истече и забраната стапи на сила, од Владата одбегнуваат директен одговор за импликациите кои следуваат. Алфа побара директни одговори како ќе биде спроведена одредбата, дали ќе бидат отстранети споменици, но и дали граѓаните нема да смеаат да веат знаме со Сонцето, но добивме ваков договор…

-Обврските од договорот се имплементираат согласно договорот и предвидената динамика. Во целиот процес има комуникација и соработка со грчката страна. Обврските и трошоците поврзани со имплементацијата на договорот се на товар на надлежните јавни институции кои ги имплементираат предвидените активности.Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни. Тие се задолжени за неговата имплементација. Договорот не создава обврски за приватни лица и приватни ентитети, но државата и јавните институции ги охрабруваат и поттикнуваат приватните лица и приватните ентитети доследно да го почитуваат и применуваат договорот во пракса, велат од Влада.

Рокот истече, но работите на терен се по старо. Алфа синоќа беше и во ноќна обиколка во центарот на Скопје, каде се наоѓаат и најголемиот дел од спомениците на кои е изразен симболот од Кутлеш…До полноќ ниту беа отстранети обележјата, ниту пак беа ставени ознаки како што се договорија Заев и Ципрас, да биде пишано дека спомениците се дел од античката хеленска историја и цивилизација.

За популарноста на овој симбол кај нас не зборуваат само институциите и спомениците на кои тој се наоѓа….Туку и бројните сувенирници, продавници каде овој симбол е неизбежен мотив и еден од најбараните за домашните, но и странските туристи.
Алфа ги посети штандовите на плоштадот Македонија и специјализираните продавници…иако добивме дозвола да снимаме никој не сакаше да говори пред камера. Велат запознаени биле со одредбата но туристите ги бараат производите.

Првите проблеми од чл.8 кој го регулира ова прашање, први ги почувствуваа од навивачката група Комити, кога на спортски настан во Струмица влегоа во конфликт со обезбедувањето, поради истакнување на знамето од Вергина. Но проблеми им се закануваат и на неколку македонски општини кои во своите знамиња и плоштади го имаат токму Сонцето од Кутлеш. Неизвесно дали граѓаните ќе треба да ги менуваат и фасадите на домовите кои го имаат исцртано ова знаме, но и спортските сали и верски објекти каде Сонцето е истакнато.

Ивана Соколовиќ Најдова