Роднини на загинатите кај Ласкарци: Судскиот процес оди во насока да се заборави случајот

По повеќе од една година супервештачењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци стигна на рочиште, но не дојдоа супервештаците кои треба да го образложат. Му дале ветување на судскиот совет дека во четврток ќе дојдат за да одговараат на прашањата и на обвинителството и на одбраната. Судскиот процес за несреќата кај Ласкарци формално почна од почеток, а странките се согласија, доказите кои беа изведени досега, само да се прочитаат и судењето продолжи онаму каде што застана.

Родителите и блиските на настраданите во несреќата со големи сомнежи дека судскиот просец оди во насока да се заборави случајот. По одржани 107 судски рочишта и приближно толку одложени не се надеваат на брза правда ниту по изготвеното супервештачење.

  • „По четири години од трагедијата кај Ласкарци, со 16 починати, повеќе од 30 наши сограѓани со тешки повреди и трауми до крајот на својот живот, одржани 107 судски рочишта, приближно толку откажани, супервештачење кое го чекавме повеќе од една година, и кога денеска требаше да се појават вештаците – не дојдоа. Повторно ми создава сомнеж дека овој судски процес оди во насока да се избегнат сеќавањата и да се заборави. И со тоа да не се даде можност вистината и правдата да излезе на виделина“, вели Синиша Ристоски.
  • „Како да веруваме кога четири години ја чекаме правдата?! Четири години! На 13 февруари оваа година се прави четири години. Колку време треба да помине за ние конечно да ја добиеме правдата? На 50-60 страни да се прави супервештачење една година и судот тоа да го толерира со изговор дека нема ресурси, а тие го наложија тоа супервештачење. Од претходните институции беше направено страшно професионално супервештачење, и од Машинскиот и од Електротехничкиот и од Сообраќајниот факултет, на повеќе од 2 000 страници. Ова нема ништо да промени, ова е само купување време на обвинетите, мислат дека ќе ја избегнат правдата. Не, нема да ја избегнат, правдата ќе ги стигне и ќе одат во затвор затоа што убија 16 луѓе и 30 и повеќе се повредени, некои со трајни последици, врзани за количка“, рече Трпевски.

Автобуската несреќа се случи пред речиси четири години, на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. Обвинети во овој судски процес се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста