Родители тврдат дека дете напуштило градинка без да биде забележано, МТСП најави вонреден инспекциски надзор
Група родители преку отворено писмо до јавноста тврди дека двегодишно дете во вторникот накратко ја напуштило градинката „Детска радост“ во Автокоманда без да биде забележано, пред да биде пронајдено по извесно време.
Тие изразија вознемиреност од случката по повод на која реагира и градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, кој како и родителите, побара од Министерството за труд и социјална политика да ја разреши директорката на градинката. Министерството соопшти дека стапило во контакт со вработените во градинката и најави вонреден инспекциски надзор за утврдување на околностите.
„Сакам да изразам сериозна загриженост за безбедноста и сигурноста на дечињата кои ја посетуваат детската градинка Детска радост во Автокоманда. Како родител на дете кое до неодамна ја посетуваше градинката сериозно ме вознемири информацијата дека двегодишно дете успеало да го напушти градинката без тоа да биде забележано од страна на вработената која е задолжена да се грижи за децата“ изјави Стефковски.