Роденденска торта за „Малиот битолски Монмартр“ и за Тоше

Два родендена денеска во Битола славеа младите ликовни амбасадори од детското ликовно студио Свети Кирил и Методиј. Со роденденска торта ги одбележаа триесет и осумте години од основањето на Малиот Битолски Монмартр кој за нецели четири децении се лансира во светски ликовен бренд, но и роденденот на македонската поп- икона Тоше Проески, кој беше силен поддржувач на овие ликовни творци кои му се оддолжија со безброј ликовни портрети, но и дела од крушевската архитектура.

Тоше Проески е незаборавена личност и неговиот лик останува во трајно сеќавање, бидејќи сите гости што доаѓаат во месец мај, го посетуваат неговиот гроб и со солзи го напуштаат Крушево. Кај нив се јавува една поголема инспирација за да ја насликаат старата крушевска архитектура- рече Коста Хаџи Антоновски, претседател на детското ликовно студио и основач на Малиот битолски Монмартр.

Под мотото „Тоше има само ден на раѓање“, со денешната свеченост, на најголемите ликовни таленти им беа врачени наградите, медалите и другите признанија што минатата година ги освоија во Чешка, Романија, Индија и Португалија.

Петар Стефановски