Ристоска: Веруваме дека интегритетот на СЈО нема да биде нарушен

Дали вчерашниот случај за рекет го дискредитираше целото Обвинителство со кое раководи специјалната јавна обвинителка Катица Јанева? Откако во јавноста се појавија сомнежи, дека можеби Катица Јанева е обвинителот кој рекетирал заедно со Бојан Јовановски алијас Боки 13 и Зоран Милевски познат како Кичеец, интегритетот и кредибилетот на СЈО е сериозно доведен во прашање, сметаат експертите. Адвокатот Александар Тортевски, кој во минатото беше ангажиран како правен консултант во Обвинителството на Јанева, смета дека мора да се истражи дали таа имала некаква вмешаност во случајот за кои две лица веќе завршија во притвор.

-Немам информации, меѓутоа никој не е над законот и за неа е најдобро да се спроведе сериозна истрага која ќе ги расчисти сите сомнежи во јавноста, смета Тортевски.

Кај специјалните јавни обвинители пак несигурност дали СЈО може да го задржи интегритетот после овие најнови моменти. Ленче Ристовска, во името на сите обвинители, оградувајќи се од својата шефица Јанева, изјави дека се надева дека можни активности на поединци нема да фрлат дамка врз работата на целата институција.

-Сите можни сомненија кои инволвираат поединци или оваа институција не смеат да го доведат во прашање интегритетот на постапките. Она што е во овој момент, јас ве уверувам дека интегритетот на институцијата, веруваме ние длабоко веруваме и се надеваме дека нема да биде нарушен, од можни сомненија како што и вие посочивте, кои во моментов се можни активности на поединци, изјави Ристоска.

Јанева ден по притворањето на Боки 13 и Зоки Кичеец денеска не се појавила на своето работно место во СЈО, а Ристовска вели дека се уште немала контакт со својата шефица во текот на денешниот ден, дополнувајќи дека за нејзината оставка, обвинителите дознале речиси во исто време кога таа била објавена на сајтот на СЈО.

-Денес лично немам стапено во контакт со специјалната јавна обвинителка. Во однос на оставката, оставката непосредно пред да биде објавена на нашата веб страна, можеби и во исто време ни беше соопштено на сите нас, така што не бевме информирани за нејзините намери, изјави Ристоска.

Јанева својата оставка ја даде пред да биде обелоденета истрагата за случајот „Рекет“, а иако и беше одземен телефонот, таа не е на листата осомничени.

Матеја Петровски