Речиси четири години нема завршница за несреќата кај Ласкарци

По речиси четири години од несреќата кај Ласкарци, судскиот процес нема завршница. Една година се чека супервештачење од Бирото за супервештачења, а со месеци се одложуваат и рочишта. Срамота е за судството, за судијката Дијана Груевска Илиевска која го води предметот велат блиските на лицата кои  загинаа во несреќата. Сомнежот кај нив е голем дека вештачењето ќе биде изработено за да се заштитат виновниците.

  • „Ова супервештачење тврдам дека го работат непрофесионалци, знаеме кои се ангажирани. Сите се сомневаме и плашиме дали ова супервештачење е нарачано за да се заштитат виновниците во овој процес и да се одолговлекува. Тврдам дека вештачењето на Машинскиот факултет изработено за шест недели, го направи професионално. Тврдам дека ова е купување на време“ вели Благојче Трпевски, родител чиј син загина во несреќата.

Згрозени од одолговлекувањето на судскиот предмет, семјствата на загинатите во несреќата најавија дека ќе бидат порадикални и поекстремни. Тврдат дека нема да дозволат процесот да се влече уште долго време.

  • „Јас би ја прашал судијата, зошто се плаши да се симне и да се соочи со родителите и семејствата на настраданите и повредените? Нема да побегне од правдата. Правдата ќе биде испочитувана и мора да има. Луѓето што убија 16 особи, превозникот ‘Дурмо турс’ и останатите, мора да одговараат. Возачот и останатите, сите пет обвинети. Должност на судот беше во овие четири години беше да пресуди. Барањето за супер вештачење дојде во завршните зборови на судската постапка. Мислам дека ова е недозволиво. Ова покажува дали судот или судијката која го води процесот ги штити обвинетите за оваа тешка сообраќајна незгода – рече Трпевски. 

Од Кривичниот суд пак велат дека сочуствуваат со оштетените, но велат и покрај 9-те ургенции Бирото го нема доставено, а претходно Техничкиот факултет во Битола одбило да го изработи супервештачењето заради немање доволно вештаци. За одолговлекувањето на судскиот процес велат од Кривичен биле известени и Судскиот совет и министерот за правда.

  • Судот, со оглед да сеуште не го добил супервештачењето, за секоја презакажана расправа ги известува странките, но и оштетените преку нивните полномошници, дека предметот заедно со вештиот наод, сеуште не се вратени и судот нема Законски услови да продолжи со судењето“ велат во соопштението од Кривичниот суд.

Во тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци, загинаа 15 патници, а над 30 беа повредени. Обвинети се сопственикот на „Дурмо турс”, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. За соучество во истото дело обвинети се тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски.

Викторија Миткова

Advertisements