Рехабилитацијата на канализационата мрежа во Прилеп треба да продолжи годинава

                 Две години стагнира рехабилитацијата на старата канализациона мрежа во Прилеп, што беше само еден од условите за добивањето на десетмилионскиот грант од германската КФВ-банка, на кој се обврза уште претходната Влада во 2009-та година. Досега се рехабилитирани една третина од предвидените над 240 километри азбестната, субстандардна канализациона мрежа. Причините за ова, според актуелниот прв човек на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески, лежат во промената на редоследот во приоритетите, но и уверува дека градежните активности ќе продолжеле во тековнава година.

            Се уште малиот опфат на реконструкцијата, кражбите на вода, како и бројните диви приклучоци, за последица ја имаат неможноста целосно да биде фактурирана потрошената вода, односно дури 50% останувала како неприходовно потрошена вода, посочува Јанески.

          Инаку, минатата година, после повеќегодишната изградба, во употреба беше ставена и Пречистителната станица, што пак услови двојно зголемување на сметките за водни услуги, по основ дополнителна давачка, состојба која сериозно ги разбаранува корисниците.

         По однос на водоснабдувањето во општината во престојниот период пак, Јанески уверува дека не се очекуваат проблеми, пред се’ заради поволната хидролошка состојба, но апелот за штедење на водата и понатаму останува. 

Каролина Дурло