Референдум напролет – Опозицијата утре ја започнува процедурата

„Излези за Европа, а не за асимилација“. Ова веројатно ќе биде слоганот под кој опозицијата ќе ја тера кампањата за референдум. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е убеден дека граѓанското изјаснување ќе биде успешно. Повика на семакедонско обединување, но и на обединување на сите кои живеат во Македонија – вели, на Македонците, како никогаш досега, сега им треба поддршката од нивните соседи Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошаци и сите останати.

– „ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во Европската Унија без никакви дилеми. Но ВМРО-ДПМНЕ не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување.“ – Истакна Мицкоски и додаде – „Притоа, суверенот на државата, народот не беше ниту прашан, ниту пак Ковачевски има мандат да ја става Македонија во подредена позиција. Да не зборувам што Македонија попушти за името, попушти за Бугарија, попушти за преговарачката рамка, а за возврат, не доби ништо“.

Обидите за бугаризација преку резвизија на историјата е најголемиот предизвик и тест со кој се соочила Македонија во поновата историја, и затоа мора сите заедно да се спротивставиме на тоа, смета Христијан Мицкоски. Според него коренот на сите проблеми е Договорот за добрососедство од 2017-та година кој со успешен референдум ќе биде прогласен за ништовен.

– „Затруеното дрво раѓа затруени плодови. Раскинувањето на овој договор ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот, историјата, културата и тн…“ – Изјави Мицкоски и додаде – „ВМРО-ДПМНЕ ќе повика да се гласа ЗА престанување на важноста за овој штетен договор. Очекувам власта да дозволи да се изјасни народот и да се стави крај на уцените, притисоците и кочењето на Бугарија. Ова да биде одговор на народот за својата Македонија и за нашата заедничка иднина“ –

Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите објасни дека референдумот нема врска со уставните измени и дека ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто на ставот дека нивната пратеничка група нема да дозволи промена на највисокиот правен акт. „Немаме ништо против Бугарите да бидат дел од Уставот, но со што Бугарија покажа дека е добар сосед, тие упорно тврдат дека не постои македонскиот јазик и македонската нација“ вели Мицкоски.

Референдумот најверојатно ќе се одржи на пролет, кога ќе завршат сите законски процедури. Опозицијата од утре започнува со процесот, а веќе од наредната недела би требало да бидат создадени услови да започне собирањето 150 илјади потписи преку подрачните единици на Министерството за правда, процес кој може да трае до три месеци. По ова, Собранието ќе има обврска да го распише референдумот кој ќе треба да се одржи во рок од 60 до 90 дена.

За народното изјаснување да биде успешно ќе треба да излезат над половина од запишаните во избирачкиот список односно околу 910 илјади луѓе. Опозицијата е убедена дека тоа ќе се случи, зашто како што велат, над 75% од граѓаните се против Францускиот предлог во оваа форма.

Никола Цветкоски