Рестрикциите на струја – неминовна мерка за штедење во поречието, новото поскапување ќе ги дотолчи

Најавите за ново покачување на цената на струјата, ќе ги дотолчи и онака заглавените општини. Во малата општина Македонски Брод, каде новата локална власт наследи буџетска дупка во општинската каса од речиси 4 милиони денари и околу 9 милиони денари во двете комунални претпријатија, како и кредит од Светска банка од 44 милиони денари кој треба да го враќа до 2029 година, капак биле сегашните сметки за струја кои се дури четирикратно повисоки, вели градоначалникот Жарко Ристески.

„Почнавме да штедиме со електричната енергија, во определен период, во определни улички и определени населени места, преку една или преку две светилки или цела уличка нема улично осветлување, се’ со цел да заштедиме од средствата за општина Македонски Брод не ја доведеме во финансиски колапс. До овој момент успешно го менаџираме овој долг, но не знам до кога ќе издржиме затоа што доколку се случи ново поскапување на електричната енергија во јуни-јули, тогаш навистина би се соочиле со уште поголеми проблеми“, – ни изјави за Алфа, Жарко Ристески – градоначалник на Македонски Брод.

Она што дополнително ги иритира и градските власти, но и поречани е што ЕВН досега ништо не инвестирала таму. Велат, мрежата на електричната енергија во нивната општина е многу слаба, па така многу често преку триесетина села со над 1.000 жители, во 21 век остануваат без струја и со денови. Последниот таков случај беше во декември, минатата година, кога луѓето останаа без струја преку 30 часа.

„Екипиве за струја што треба да ја поправат не се ни дојдени. Моментално, се уште не е дојден ни тракторот за чистење што треба да дојди и така што населението од село Брест и пошироко, еве се јавуваме и во другиве села, заглавени се. Ги полниме телефоните на коли кој како има уште некоја кола од акумулаторите…за да можеме да се слушнеме. Иначе, безредие воопшто владее со ова. Ова, кататсрофа е“, ни изјави за Алфа, Борис Милески, жител на с. Брест, Македонски Брод.

Градоначалникот Ристески потврдува дека снабдувањето со електрична енергија е огромен проблем во Македонски Брод, бидејќи станувало збор за застарена мрежа од пред повеќе од шест децении. „Ние како ЛС веќе се обративме до ЕВН и побаравме итно да влеземе во нивната Програма за редовно сервисирање на одредени траси каде многу често паѓаат електрични столбови“, – објаснува Ристески.

Каролина Дурло