Република Македонија замина во историјата – 81 глас „ЗА“ промена на Уставот

Република Македонија замина во историјата…Пратениците со 81 глас „ЗА“ го променија името на државата во Република Северна Македонија и го сменија Уставот..

По осумчасовни натегања Заев го обезбеди потребното двотретинско мнозинство и ги спроведе уставните измени кои произлегоа од Преспанскиот договор. Барањата на БЕСА и Алијанса за Албанците за државјанството беа прифатени во целост и регулирани преку амандман на уставниот закон – ќе се сменат дури пет закони за да се вметне етничката припадност.

Не помина амандманот на осумтемина одметнати пратеници новото име да биде само за надворешна употреба. Ама главната критика наместо до Владата ја упатија до довчерашната матична партија ВМРО-ДПМНЕ, а себеси се претставија како бранители на македонскиот идентитет.

Со ова гласање заврши тримесечната постапка за менување на македонскиот Устав – се смени уставното име, се смени и Преамбулата со бришење на манифестот на АСНОМ и се вметна Охридскиот договор, како дијаспора се набројани сите етнички заедници, Косово се вброи како еден од петте соседи на Република Северна Македонија.

Ивана Соколовиќ Најдова