Ректорот Миленковски со Златна плакета за групата „Некст тајм“ за ширење на македонската песна!

Денеска, 12 декември 2022 година, во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент, ректорот проф. д-р Аце Миленковски на членовите на групата „Некст тајм“ им додели Златна плакета за ширење на македонската традиција и култура меѓу младите во нашата татковина, Република Македонија.
„Ви благодарам за секоја отпеана песна, за секоја отсвирена нота, за сето она што го создавате, а што мене ми причинува и задоволство и немир, што лично и професионално длабоко ме трогнува. Вие и вашата музика сте израз на родољубие и патриотизам, и ви благодарам што овие чувства ги будите и ги негувате и кај младите луѓе денеска“, истакна ректорот Миленковски при врачувањето на плакетата.
Тој нагласи дека една од основните задачи на образованието низ целата вертикала, од предучилишна возраст до највисоките академски звања е да ги разбуди и да ги негува токму овие чувства кај идните граѓани што треба да ја градат и да ја развиваат државата.
„Јас така сум ги воспитувал и своите деца, да си ја сакаат татковината, да си го сакаат домот. Каде и да оди човек, дали на работа, дали во град, дали во кафеана, па дури и да оди професионално некаде зад границите, на крајот тој секогаш треба и се враќа дома, зашто каде што е татковината, таму е и домот“, истакна тој.
На крајот, ректорот Миленковски уште еднаш им се заблагодари на членовите на групата што ја шират македонската песна дома и низ светот, зашто, како што истакна парафразирајќи свој добар пријател-музичар, Македонија се протега дотаму до каде што се слуша македонската песна.

Advertisements