Рекордни цени на горивата – за две години пораст од 50%

Поскапo гориво, нервозни граѓани. Од ноќеска нов ценовен шок за возачите кои велат дека полека но сигурно автомобилите стануваат луксуз.

Цените на горивата уриваат рекорд. Дизелот за две години е поскапен за 50%. Ова е сериозен удар и за возачите, но и за земјоделците и комапниите.

Според најновите цени Еуросупер 95 се продава за 73,50 денари за литар, 98-цата 75, а новата цена на дизелот е 67 денари за литар.

Колку за споредба, малопродажната цена на дизелот пред точно две години изнесуваше 46 денари по литар. Ако пред две години беа потребни 2.000 денари да се наполни резервоарот, сега истото задоволство ќе чини околу 2.900 денари.

Драстичниот скок на цените започна од 1 јануари со зголемувањето на акцизата. Поскапите горива освен за граѓаните проблем се и за компаниите – нивните трошоци се значително зголемени.

Големиот скок на цените ги погоди и земјоделците чии трошоци се драстично зголемени. Изминатиот период власта ги тешеше дека ќе им обезбеди зелена нафта, но од бројните ветувања засега нема ништо.

Борис Грујоски