Реконструкција на Влада, но кога?

Дали воопшто некој од функционерите на СДСМ, брои ситно или сите се комотни во функционерките фотелји бидејќи премиерот Зоран Заев никако да „замете“ иако тоа го вети уште во мај. Сега даде нов термин за смена на министри ќе бил крајот на јуни, ќе биле сменети 8 министри и над 20 директори. Премиерот со денови прави „рече – па порече“, а министрите чекаат токму на него, барем така велат пред камерите.

– Во неколку наврати кажав, а малку и побрутално е и можеби дека малку е и невоспитано од наша страна, како актуелни функционери сами да си ја оценуваме нашата работа, од првиот ден понатаму, мандатарот, односно премиерот е нормално, тој што ја оценува работата на министрите. Тоа го прават и граѓаните. Така сето она што го кажав и минатиот пат е дека врз база на неговите анализи, коишто ги прави нормално е премиерот да донесе соодветни одлуки, така и за случајот со министерот за транспорт и врски, вели Сугарески.

Чистката за министри беше најавена за почетокот на јуни, а пак за директори на јавни претпријатија за средината на месецов, но засега метлата ни таму не заиграла. Директорот на државни патишта со речиси иста изјава како и Сугаревски, одлуките за метла ги носел Заев.

– Вие како новинари сте присутни, со нас. Јас еднаш неделно сум на терен, траса, во моментов имам преку 80 проекти, што активно ги работам. Си ја гледам и ја работам работата, а тој што треба да мери, да сече и да цени е премиерот. Негово е тоа апсолутно право, така што воопшто не сум оптоварен со тоа, вели Китанов.

На вчерашната седница на социјал-демократите, првиот човек на Владата истакна дека чистката ќе ги зафати не само министрите само од СДСМ, туку и од другите политички партии кои се дел од владината коалиција.

Втората средба Заев- Ахмети за реконструкцијата се уште не се случила, па останува неодговорено кои од министрите од ДУИ ќе ги жртвува Ахмети за спас на политичкиот брак СДСМ-ДУИ. Се погласни се шпекулациите дека крупни промени ќе има во економскиот сектор. Останува отворено прашањето дали единствениот министер од ДУИ во ресорот на економијата, Крешник Бектеши ќе биде дел од чистката на Заев.
Најавите за метла уште од старт наидоа на нож во ДУИ, од каде главните партиски актери на интегративците порачаа дека тие одговараат само пред нивниот лидер Ахмети.

Мери Ѓорѓиевска