Река, Силјановска, па Пендаровски на гласачкото ливче – ДИК со опомена за кандидатите

ДИК со жребување го утврди редоследот на кандидатите кои влегуваат во трката за нов шеф на државата. Професорот Блерим Река како кандидат на Алијанса за Албанците и Беса за претседателските избори е прв на гласачкото ливче, под број два е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата професорката Гордана Силјановска Давкова и трет на ливчето е Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата.

Од комисијата ги предупредија кандидатите кои влегуваат во претседателската трка, да го почитуваат Изборниот законик и до 1 април кога и официјално почнува кампањата да се воздржат од секакво јавно промовирање. Повикаа на коректна, чиста позитивна европска кампања.

Претставниците на трите изборни штабови на Река, Силјановска Давкова и Пендаровски со потпишување на Кодекс се обврзаа на коректно однесување на престојните избори за фер натпревар меѓу сите учесници.

ДИК во понеделник ќе спроведе и жребување за редоследот на канидадатите кои влегуваат во трката за градоначалници на вонредните локални избори во Охрид, Ново Село и Дебар, кои се оддржуваат заедно со претседателските.

Ивана Соколовиќ Најдова