Регулаторна смирува: Не очекуваме ценовен шок кај горивата

Цената на горивата да остане во рамки на движењето на светската берза, апелираат од Регулаторната комисија за енергетика, чиј мандат за утврдување на цените на дериватите завршува в понеделник на полноќ. Возачите за новите цени од вторник ќе се информираат директно на бензинските пумпи кои самостојно ќе ја одредуваат цената по литар. Ваквиот проблем настана откако во Регулаторната комисија заврши договорот за утврдување на цените по старата методологија, а новите законски измени се уште не се во сила. Сепак, од Комисијата смируваат – добиле уверување од трговците дека нема да се создаде ценовен шок.

Според Бислимовски, новите измени на законот следната недела повторно ќе го минат собранискиот филтер, а параф на документот ќе ставел и новоизбраниот претседател. Согласно новите измени, наместо на секои две недели, Комисијата цената на горивата ќе ја утврдува еднаш седмично.

Во идина цената на горивата ќе се пресметува според движењето на цените на светските берзи и средниот курс на доларот, а во пресметката ќе бидат вклучени и трошоците на трговците за набавка, складирање и транспорт. Дополнително ќе се одреди и маржа за профит на трговците, но според регулаторите заработувачката ќе мора да биде разумна.

Биљана Божиновска