Регионален центар за ампутации со две операции месечно?!

Како власта дојде до идеја кочанската болница да ја „стори“ Центар за ампутација каде во една операциона сала ќе се прават најмалку 24 операции годишно?

Министерот Филипче објаснува дека т.н. „прљави операции“ на пациенти со гангрена, на кои неоходно е да им се отстранат екстремитети, претходно се оперирале во ортопетските сали во клиничкиот центар, клиниката за пластична хирургија и ГОБ „8 Септември“. Ова било проблем, бидејќи по ваквата операција, салата се смета за загадена, а да се исчисти, се губеле по најмалку 24 часа.

Министерот не одговори зошто за оваа намена се одбрала токму кочанската болница, ниту пак колку операции годишно ќе се прават таму за да се оправда називот „Регионален центар за ампутации“. Според него, и две операции месечно се доволни, за да се оправда ваквиот чекор.

Во предизборието премиерот Заев, чија изјава првично ја потврди и Филипче, децидно порача дека државни болници ќе добијат клуч на врата доколку не се конкурентни на приватните.

Филипче пак, дообјаснуваше дека во кочанската болница, има само 1% искористеност на болничките кревети, нема кадар, па пациентите постојано се препраќаат во најблиските клинички центри, а крила на болници веќе биле самозатворени.

Потоа следеше критика кон новинарите, оти кога ги пренесувале овие изјави, ширеле лажни вести. Истовремено и ретерираше – државните болници сепак немало да се затворат туку, ќе се имплементирал модел за унапредување на здравствените услуги.

По критиките на синдикатот, лекарите и јавноста, Филипче ја посети кочанската болница, и најави дека здравствената институција нема да се затвори туку ќе стане „Центар за ампутација“.

Сања Трајковска Ставров