Ревидирана програмата за поддршка на културата по скандалот со грантовите

Министерството за култура во обид да го изгасне пожарот што сами го предизвикаа со новата Годишна програма одобрија пари за културни манифестации, но во далеку помал износ од оние кои авторите ги побараа.

Па така иако претходно одбиен, сега Скопскиот џез фестивал доби 3 милиони денари. Поддржан е и Офф-фест, но одобрени му се само 17% од побараната сума, или 1 милиони денари. Детскиот фестивал „Златно славејче“ од побарани 2 милиони денари добива само 400.000 денари.

И со новата прераспределба на средства рекордери во добиената сума на пари останува Здружението „Артал“ од Тетово кое за само еден концерт и фестивал добиваат неверојатни 3 милиони и 500.000 денари. Или за споредба, култниот фестивал „Таксират“ останува со само 500.000 денари, наспроти концертот во организација на „Артал“ од Тетово, кој добива 1 милион денари. За осум концерти на „Танец„ одвоени се само 230.000 денари, споредбено со сумата која е одвоена за еден концерт на Ансамблот на албански ора и песни за кои е одвоена сума од 800.000 денари.

Етно-групата „Синтезис“ и со новата прераспределба на средства не доби ни денар за да настапуваат во Австралија, а ја нема ни традиционалната манифестација „Денови на македонска музика“ која се одржува повеќе од четири децении.

Од Министерството за Култура велат дека со цел во иднина да се избегнат недоразбирањата или недостатоците при јавните конкурси, културните оператори можат да дадат свој придонес во изготвувањето на нов современ закон за култура, а до донесување на новиот закон, Министерството за култура ќе работи на измени и дополнувања на актуелниот закон со иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“.

Ова не е прв пат Министерството за култура да ја ревидира одлуката. Лани по реакциите на композиторите за поништените резултати од конкурсот и поведените судски спорови, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски ја напушти министерската фотеља.

Борис Грујоски