Ребаланс на Буџетот – за да ја истуркаме годинава ќе требаат позајмици од една милијарда евра

Нови задолжувања,  намален економски раст, зголемување на буџетскиот дефицит со прекројувањето на државната каса. Владата го стега обрачот за 200 милиони евра непродуктивни трошоци, а ќе не задолжи за 900 милиони евра.

Со ребалансот на Буџетот, планирано е да се соберат 100 милиони евра повеќе за разлика од претходно проектираниот  буџет. Расходите се проектирани на околу 4,6 милијарди евра , а приходите се – на 4 милијарди евра.

Расходите за стоки и услуги се проектирани во износ од 23 милијарди денари. Ќе нагласам дека тука е направена максимална оптимизација во однос на неприоритетните трошоци, но исто така ќе нагласам дека тука се земени во предвид и енергенсите со што е додадени дополнителни средства кај буџетските корисници во однос на непречено одвивање на јавните услуги и исто така дека се вкалкулирани обврските за НАТО, истакна Министерот за финансии Фатмир Бесими

Дефицитот и отплатата на надворешниот и домашниот долг , ќе се финансираат преку задолжување на меѓународниот и домашниот пазар и не се исклучува можноста за позајмување на 1 милијарда евра.  Прогнозите за 2022 се дека економијата ќе се развива со забавено темпо во однос на првите проекции, а инфлацијата е проектирана на повеќе од 7 отсто.

Финансирањето предвидено во самиот Буџет како прилив има 54,5 милијарди денари од кои домашно е 27,1 и странско 65,5. Ако ги гледаме бруто и одземеме 11,8 милијарди и тоа се 42,7 милијарди и тоа се колку што е дефицитот на Буџетот, вели Бесими

Со ребалансот на Буџетот   се кратат и 95 милиони евра за капитални проекти со што , за нивна реазлиација остануваат  520 милиони евра.  Ребалансот на Буџетот кој Владата веќе го испратила во Собрание ќе обезбеди 76 милиони евра за економски мерки за заштита на граѓаните и стопанството и дополнителни 52 милиони евра за земјоделците, за покачување на пензиите и платите на наставниците, како и за субвенции за исплата на минималец . врз основа на вака прекроениот буџет, министерството за економија допрва ќе треба да ги проектира економските мерки за справување со ценовните шокови предизвикани од светската економска енергетска и воена криза.

Кристина Алексиеска