Ребалансот на буџетот утре во Собрание, се очекува жестока дебата

Рекордно големиот ребаланс на буџетот од 4,7 милијарди евра утре пред пратениците. За него се очекува жестока дебата на матичната комисија за финансирање и буџет. Огромно е незадоволството кај граѓаните и бизнисот откако Владата најави дека ќе донесе нови антикризни мерки дури по неговото усвојување, а во ребалансот има едвај 70-тина милиони евра за мерки за справување со инфлацијата. Особено е гневен Сојузот на синдикати бидејќи во прекроената државна каса и покрај ветувањата, немаше место за најавеното покачување од 2.806 денари по работник во администрацијата. За да се усвои ова нивно барање тие поднесоа и амандман на ребалансот.

Со ребалансот предвидено е да се соберат 112 милиони евра плус, но и да се потрошат дополнителни 260 милиони евра. Повеќе пари ќе има за плати во образование, пензии, субвенции и минималец, а значително помалку за капитални инвестиции. Сумата по овој основ се намалува од 613 на 520 милиони евра. Помалку пари ќе има за патишта, водовод и канализации во општините. Очекувано најмногу пари се кратат во министерството за транспорт од 60 милиони евра, а исто толку се додаваат во министерството за труд и социјала.

Повеќе ќе се потроши и за набавка на стоки и услуги. Првичните 336 милиони се зголемуваат на 374 милиони евра. Ќе има и поголеми трансфери до општините за 13 милиони евра, односно ќе се префрлат 376 милиони евра.

За 34 милиони евра ќе биде поголем буџетот на Фондот за здравствено осигурување или 630 милиони евра. Се зголемуваат и трансферите до Фондот на 47 милиони евра. Пензионерите ќе добијат 1,4 милијарди евра или 100 милиони повеќе од претходно планираното. Буџетските трансфери кон фондот за пензии изнесуваат речиси половина милијарда евра.

Државата планира да се задолжи за 900 милиони евра, но не се исклучува долгот да надмине и една милијарда евра. Парите ќе се бараат од меѓународните финансиски институции. Од министерството за финансии се уште нема информација колку пари ќе се позајмат од ММФ, а колку преку издавање еврообврзница.

Според најновите прогнози, македонската економија годинава ќе порасне за 3,2%, или 1,4% помалку од првичната проекција. Инфлацијата е проектирана на 7,2%.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести