Реакции по пресудата: казните се погребување на правото

Драконските затворски казни за обвинетите од случајот 27 април потврдија дека ова беше политички монтиран процес и производ на евидентна неправда – реагира најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Кривичниот суд да бидат осудени 15 лица на казна затвор од дури 211 година. Велат одлуката која е невиден преседан е погребување на правото.

-На дело се демонстрираше Кацарска судството и Русковска обвинителството кое за жал се потврди дека се само слуги на Зоран Заев. Не ги интересира ниту правото, ниту правдината. Не ги интересираат ниту доказите, ниту околностите. Ги интересира само спроведувањето на партиско политичките нарачки на Заев. Ние сме држава во која убијци на малолетни деца како што е случајот со Смилковско езеро се на слобода, а луѓе од 27-ми април се судат за терористи. Оваа пресуда е нарачана и однапред позната, вели генералниот секретар Игор Јанушев.

Дека пресудата е нарачана велат од опозицијата, доказ е тоа дека против директорот на БЈБ Чавков кој учествувал во спречување на натамошна ескалација настаните се гони за тероризам, а заменик министерот Нухиу кој не презема апсолутно ништо нема никаква постапка

Партискиот портпарол на СДСМ, Костадинов на социјалните мрежи прв ја поздрави одлуката на судот.

-Кога правдата ќе затропа на врата ! Вистинското лице на ДПМНЕ на виделина. Насилства, закани, обиди за убиства, антизападни активности…, пишува Костадинов.

На седумгодишната затворска казна за Абдулфета Алими, кој беше дел од собраниското обезбедување за време на настаните, реагираат и од Алијанса на Албанците. Велат ваквите пресуди се далеку од демократска држава и правда, а човекот кој му го спаси животот на Села не е терорист.

-Фета Алими денес требаше да биде награден од страна на државата, кој успеа да спаси човечки живот, и тоа на пратеник и лидер на народот како што е Зиадин Села ставајќи го во опасност сопствениот живот, а не да биде осуден на 7 години затвор, стои во соопштението.

Бурни се реакциите и на јавноста која ги преплави социјалните мрежи со осуда на високите затворски казни.

Ивана Соколовиќ Најдова