Реакции за ребалансот: Очекувањата нереални, инфлацијата најголем проблем, Владата не скрати доволно непродуктивни трошоци

Бизнисот бара мерки за да се одржи економскиот раст и да се задржат работните места. Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески вели дека состојбата е тешка – суровините се потешко се набавувале, биле поскапи и побавно стигнувале до крајната дестинација. Најмногу ги загрижувала високата инфлација и цената на струјата. Владата скратила дел од непродуктивните трошоци и се прилагодила на ситуацијата, но на бизнисите им треба помош за да го надминат периодот што претстои.

„Бараме до крајот на годината да не се носат нови даночни задолжувања. Да има предвидливост. Тоа се куп мерки, па сега чекаме да видиме да се донесе ребалансот, па да седнеме со Владата да разговараме“ – вели Бранко Азески, претседател на Стопанска комора.

Владата треба да внимава со тековните трошоци за да не ја поттикне инфлацијата, а кризната да не биде оправдување за поголеми трошења бидејќи сегашниот контекст е поразличен од оној во пандемиската 2020-та – вака го оценува ребалансот на буџетот економскиот институт Фајненс Тинк. Очекувањата за економски раст од 3,2% и инфлација од 7,2% биле преоптимистички. Поверојатно било растот да биде помал, а инфлацијата повисока. Дефицитот, пак, од 5,3% од БДП сигурно ќе бил надминат. Од Институтот алармираат дека за разлика од порано кога инфлацијата растеше поради повисоките увозни цени, сега ќе влијаат и домашните фактори како зголемените плати, пензии и трошоци за стоки и услуги. Загрижувал растот на разните трансфери и субвенции кои биле недоволно таргетирани.

„Во делот на субвенциите, очекувано беше дека истите ќе растат заради справување со севкупната енергетска криза и притисоците врз инфлацијата, но сепак растот од 40% изгледа преголем. Ваков понатамошен начин на дизајнирање на субвенции и мерки може дополнително да влијае на инфлаторните притисоци“ – вели Благица Петрески од Фајненс Тинк.

Според институтот Фајненс Тинк, намалувањето на капиталните проекти од 613 на 520 милиони евра не треба да се оправдува со кризата, бидејќи било резултат на нереално почетно планирање. Инаку со ребалансот на буџетот извисија административците кои бараа линеарно покачување на платите за 50-тина евра по службеник. Најавија генерален штрајк, со кој ќе направат притисок ова ветување да биде исполнето од прекроениот државен буџет.

Тања Попова