Рајчев: Автобусот на „Дурмо турс“ се движел пребрзо, возел со неисправни кочници

Преголема брзина и нецелосното функционирање на кочниците на автобусот „Дурмо турс“ е главната причина за несреќата што се случи кај Ласкарци, на 13 февруари, каде загинаа 15 лица. Истрагата на Јавното обвинителство утврдила дека автобусот се движел со брзина од 100 км/ч, што е недозволена, по што изгубил контрола вез него.

Обвинителот Сашо Рајчев кој ги соопшти деталите од досегашниот тек на истрагата рече дека инструментот за автоматско мерење на брзината на возилото, бил штелуван, и возачот манипулирал со тахографот.

  • Главна причини за сообраќајката било брзото возење, но и нецелосна исправност на сопирачките кои при техничките контроли не биле евидентирани и не биле отстранети. Возачот поради овие причини од едната лента преминал на средната лента, па изгубил контрола, ја преминал заштитната ограда, за на крај автобусот да падне на стариот пат, рече на прес-конференција јавниот обвинител, Сашо Рајчев.

Обвинителството ќе побара притвор за шестмина и мерки на претпазливост за едно лице, осомничени за трагедијата кај Ласкарци. Според обвинителот, шестмината се сомничат за тешки дела против безбедноста на патниците во сообраќајот. За едно лице нема да се води предистражна постапка, но ќе добие кривична пријава за злоупотреба на службена положба.

Истрагата открила дека автобусот во јули бил на технички преглед, но и покрај тоа што биле откриени недоследности во работата на кочниците, во декември била издадена документација дека возилото е исправно.

  • Шестмина од приведените се осомничени за „тешки дела против безбедноста и луѓето во имотот и сообраќајот“, додека седмото лице е обвинето за „несовесно работење во службата“, бидејќи издало дозвола дека тахометарот во автобусот бил целосно исправен без да ги направи неопходните проверки, и против него не е отворена истражна постапка поради природата на делото, соопшти обвинителот Рајчев.

Меѓу приведените се и возачот и сопственикот на „Дурмо турс“.

Обвинителот рече и дека, бидејќи во ОЈО Скопје недостасува кадар, позајмиле истражители од МВР кои продолжуваат да работа, бидејќи истрагата за оваа сообраќајка ќе продолжи.

Инаку, автобусот сообраќаше на релација Скопје – Гостивар, со 51 патник, сите од Гостивар. Автобусот излета од автопатот Тетово – Скопје. Загинаа 15 луѓе, а 37 беа тешко повредени. Еден месец по несреќата во болница се уште е еден пациент. Тоа е 19 годишната девојка, на која и беше ампутирана ногата.

Борис Грујоски