Рашковски доби 8 години затвор за „Софтвери“ и замина дома во куќен притвор
Поранешниот генерален секретар на Владата со пресудени 8 години затворска казна замина во куќен притвор. Кривичниот суд на Драги Рашковски и неговите шест соработници за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација им изрече затвор од вкупно 32 години. Рашковски ги фаворизирал фирмите на Игор Христов и Даниел Станчев при спроведувањето на јавните набавки во име на Генералниот секретарјат во Владата, а во софтверскиот дел помош добивал од професорот Ивица Димитровски од ФИНКИ. Освен за софтвери, екс- ген – сек перел пари и преку хонарарците во Владата на кои од државната каса им се исплаќале по 60 илјади денари месечно, од кои 2/3 му ги враќале на шефот.
Драги Рашковски – осум години затвор;
Ивица Димитровски – пет години затвор;
Игор Христов – пет години и шест месеци;
Даниел Станчев – четири години затвор;
Ирена Ивановска – три години и шест месеци;
Игор Ивановски – три години;
Маја Силјановска – три години;
Рашковски ќе треба да ја надомести и штетата што ја направил на државниот буџет од над 300 илјади евра, но и да не комуницира со најблиските соработници, професорот и двајцата соптвеници на фирми.
Обвинителството остана незадоволно бидејќи судот во домашен притвор го прати само Рашковски, иако се бараше мерка за осудените со повисоки казни.
- „Од она што го слушнав би можела да најавам дека ќе има жалба од страна на обвинителството со оглед дека беше предложена мерка притвор за четворица обвинети, не само за еден од причина што обвинителството смета дека за сите четворица постојат реални причини дека може да се дадат во бегство. Од тие причини ќе има жалба, но секако оставам прво да го примиме писмениот примерок па да донесам конечна одлука“, рече Трајчева, обвинител од ОЈОГОКК.
Одбраната остана воздржана од коментари пред новинарите, што не беше случај досега бидејќи Рашковски заедно со Станчев пред само два дена одржаа прес конференција. Во судница, Рашковски го обвини судечкиот совет дека работеле по нарачка на обвинителката Трјачева. –
За да немаат отежнителни околности во однос на изрекувањето притвор, Станчев ја запроси Ивановска во судницата.
По изречената пресуда за „Софтвери“ од 32 години на Скопскиот кривичен, јасно е дека до Апелација ќе се жали и Обвинителството и одбраната.
Викторија Миткова