Ратсе бројот на заразени од мали сипаници, најмалиот пациент е тримесечно бебе

Тримесечно бебе заразено со мали сипаници е најмалиот пациент на Инфективната клиника. Во критична состојба е и тригодишно дете со церебрална парализа и епилептични напади, а поради компликации од морбили на Инфективна лежат уште 18 деца, најголем број од нив, немаат полна година.


Сите невакцинирани да се вакцинираат, оти друг начин на заштита од морбили нема, советуваат инфектолозите. Границата за вакцина во услови на епидемија е намалана, па сега, половична доза се прима на шестмесечна возраст.

Секој родител кој ќе се посомнева дека неговото дете се заразило со ситни сипаници, има висока температура или пак осип на кожата, најпрво да се упати во пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ или во „Букурешт“, со цел да се намали притисокот на пациенти на Инфективната клиника, апелираат од Комисијата за заразни болести.

Само со колективен имунитет, или 95 отсто вакцинирано население со МРП вакцината, ќе може да се спречи епидемијата и смртноста кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања.

Од почетокот на епидемијата до сега, вакцинирани се над 6000 деца, или околу 50 проценти од невакцинираните. Поради компликации од мали сипаници досега починаа три дечиња.

Сања Трајковска Ставров