Расте револтот во јавноста по најавата на владата од буџет да покрива долгови

dav

Расте незадоволството во јавноста откако Владата одлучи со пари на граѓаните, од државниот буџет да покрива долгови кон лозари, пензиски осигуреници и да преговара за отпис на сметки на струја. Министерот за земјоделство, уверува дека државата не покрива долгови кон приватни фирми, туку кон оштетените лозари. Вели дека  веќе в четврток Владата на седница најверојатно ќе донесе одлука за исплата кон лозарите. Тврди дека има механизми истите суми да се вратат во буџетот од винарниците должници.

„Преку постојното законско решение државата го побарува износот којшто овие винарии или откупувачи треба да го платат кон лозарите и преку финансиски инструменти на Управата за јавни приходи и Платежната агенција, овие пари ќе се вратат во Буџетот. Лозарите долго чекаа на решавање на овој проблем и сметаме дека е одговорно што побргу да ги добијат своите пари“ – рече Николовски.

Се уште не се знае ниту кој е одговорен за „пензиската афера“, односно непрефрлањето на 19 милиони евра од придонесот за пензиско осигурување во приватните друштва. Откако групата за фискални прашања „Цивитакс“ побара од министерката Царовска да ја прикаже целосната документација и да посочи конкретни личности кои го дозволиле пропустот, таа вели, тоа е работа на надлежните органи.

Не стивнуваат реакциите ниту на редовните плаќачи на струја, откако премиерот обелодени дека преговара со ЕВН и ЕЛЕМ да им ги простат долговите на граѓаните и фирмите кои не ги платиле сметките до 2006-та. Граѓаните негодуваат бидејќи им се помага на несовесните, но се демотивираат дисциплинираните редовно да си ги подмируваат обврските. Дел од експертската јавност, пак, веќе ги нарече овие мерки популистички за купување гласови пред избори.