Расте притисокот-Хан повикува да се гласа, Палмер во понеделник во Скопје

Расте притисокот од САД и ЕУ – Хан ги повика пратениците да гласаат, Метју Палмер во понеделник доаѓа во Скопје. Заменик помошникот за евроазиски прашања во Стејт Департментот на само три дена пред неговата посета на Македонија, денеска од Белград  испрати директни пораки до македонската опозиција – немало план Б, да ги ослободеле пратениците да гласаат.

Договорот од Преспа да се прифати во потполност. Да се исполни. Нема алтернативно решение, нема Преспа плус, нема нешто што не чека зад некој агол, доколку македонското Собрание не го изгласа со двотретинско мнозинство овој договор. Оние кои ја заведуваат македонската јавност говорејќи дека можат да обезбедат европска иднина за своите деца без компромисите кои ги бара Преспанскиот договор, не ѝ прават услуга на својата земја, вели Палмер.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој пред 10 дена изјави дека мора да се плати цената со овој договор и дека го советувал Заев да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, денеска на твитер напиша :

– Ова се одлучувачки денови за Поранешна Република Македонија. Пратениците ќе гласаат за историскиот Преспански Договор кој ја отвора вратата на земјата за евроатланста интеграција. Ова е гласање за иднината на земјата плус позитивните перспективи за граѓаните, напиша Хан.

И претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол синоќа со твитер порака – ја повика опозицијата на одговорност пред гласањето во Собранието. Клучни одлуки требале да се донесат во ПЈРМ кои ќе ја одредат иднината на наредните генерации.

Изминатиот месец Македонија ја посетија голем број претставници на Меѓународната заедница, сите со иста порака – Договорот од Преспа мора да помине затоа што не постои алтернативно решение.

На денот на независноста на Македонија и Меркел порача – Јас не сум за закани, но јасно е дека има одредени предуслови кои треба да се исполнат и сите членки да се согласат со тоа. Без промена на името нема влез за вас во евроатланстското семејство.