Расте нивото на реките во Словенија: се стравува од поплави и одрони

Водостојот на реките во Словенија прдолжува да расте, особено во северните и источните делови на земјата. Водостојот се зголемува и во оние речни сливови кои беа погодени од претходните поплави. Агенцијата за животна средина на Република Словенија (Арсо) издаде портокалово предупредување за целата земја, освен за северозападниот дел кој е обоен во жолта боја.

Геолошкиот завод на Словенија предупредува на зголемен ризик од повторно активирање на свлечишта во областите каде што беа активирани за време на неодамнешната катастрофа, пишува Дело. Невреме со обилни врнежи од дожд и ветер веќе вчера правеше проблеми. Во општина Копер силен ветер го оштети покривот на основното училиште Шмарје и покриената трибина на стадионот Бонифика, а град ја погоди и Ајдовшчина.

Во главниот град водата поплави неколку подруми и патишта, а некои возачи мораа да бидат спасени од поплавените подвозници. Поплавена е и инфраструктурата во Горењска, но мештаните се особено загрижени поради одрони. Во областа Шкофјело превентивно се евакуирани дел од граѓаните.

Командантот на словенечката цивилна заштита Сречко Шестан на телевизија Словенија изјави дека најлошото сценарио не се оствари. Тој повтори дека припадниците на цивилната одбрана се во штрек. Иако прогнозата за денеска е подобра, тој им препорача на граѓаните да бидат внимателни. Според метеоролозите утре во Словенија времето ќе се смири.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста