Расте бројот на дијабетичари, најмалиот пациент има само две години

Постојано расте бројот на заболени од дијабетес. Од 120.000 пациенти со ова заболување, 40.000 примаат инсулинска терапија. Во моментов најмалиот пациент е две годишно бебе од Велес кај кое пред 4 месеци е откриена болеста, а веќе има 11 деца кои се на инсулин, велат од Здружението Лолипоп од Велес. Тие се соочуваат со потешкотии и отпор кај дел од семејствата, особено оние каде болеста ја имаат најмалите. Неопходна била психолошка поддршка, зашто некои не сакале да прифатат дека се зависни од инсулин и дека мора редовно да се мери шеќерот во крвта.

– Само лани имаше 650 новооткриени случаи, од кои 79 се веднаш ставени на инсулинска терапија. Очекуваме во најскоро време да се донесе национална програма за дијабетес со која ќе се подигне квалитетот на живот на овие лица – рече Велев.

Според Велев, се зголемува бројот на дијабетичари во Велес – таму досега се евидентирани 6.500 пациенти.

Лекарите велат дека секојдневно биле соочени не само со пациенти со дијабетес, туку и со голем број комликации (на срцето и големите крвни садови, бубрезите, оштетување на видот) кои ги носи болеста.

– Наша основна стратешка определба е да помогнеме што порано да може да се открие дијабетесот, за навреме да почнеме со адекватна терапија, а со тоа, и да ги намалиме компликациите од болеста. Матичните лекари спроведуваат и систематски скрининг на лицата кои се во ризични категории (возраста, дебелината и недоволната физичка активност) да развијат дијабетес. Матичниот лекар на овие пациенти треба задолжително да ги упати на скрининг тест за откривање дијабетес, истакна директорката на Универзитетската Клиника за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска на одбележувањето на 14 Ноември, Светски ден на дијабетесот.

Од министерството за здравство работат на целосна посветеност во обезбедувањето квалитетна инсулинска терапија. Во тек е распишан тендер за обезбедување на годишно количество на инсулин и воведување три нови типови.

– Во Македонија 500 деца на возраст до 14 години се заболени од дијабетес. Следен чекор е обезбедувањето сензорни мерачи на шеќер во крвта што ќе помогне во контролата на гликемијата кај децата и кај бремените жени кои го имаат гестацискиот дијабетес. Министерството за здравство од оваа година го укина паралелниот увоз на инсулинот со што ќе обезбедиме квалитетен инсулин, бидејќи имавме одредени сомнежи и во квалитетот и транспортот на инсулинот до веледрогериите околу обезбедувањето на ладниот ланец, рече државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев.

Во врска со проблемите со кои се соочуваат лицата со дијабетес, од здруженијата на дијабетичари велат дека проблеми имало до летоска и се надеваат на нивно надминување.

Според податоците, во 2015 година за 5% се зголемил бројот на заболени, а во 2017 за 6%, велат од лекарите на одбележувањето на светскиот ден на дијабетесот,14 ноември.

Борис Грујоски