Расправата за македонското државјанство на Онишченко одложена, директорот на АНБ не можел да дојде

Јавноста немаше можност да го слушне реферирањето на актуелниот директор на АНБ во Собранието бидејќи тој не присуствуваше на седницата. За помалку од 15 минути почна и заврши заседавањето на Комисијата за надзор на тајните служби иако се чекаат одговори како и зошто контроверзниот Олександр Онишенко добил македонско државјанство. Човекот кој е на црната листа на Соединетите американски држави, кој се бара со потерница од Украина, поради перење пари и сомнежи за вмешаност во проституција, добил македонско со амин од Виктор Димовски но и други институции кои дале позитивно мислење.

– Причината за оваа седница е бидејќи во изминатиов период се соочуваме со непријатности поврзани со нашата работа. Собранието покрај законодавна, има и надзорна улога. Имаме случај во кој човек кој е на црната листа на САД, Република Македонија му дала државјанство – рече на почетокот на расправата претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов.

Виктор Димовски по завршувањето на неговиот мандат треба да замине на амбасадорското место во Париз, дали ќе замине по овој скандал, се уште е тешко да се одговори, посебно поради штурите информации од страна на надлежните. Според пратеникот Антонио Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика, најголем проблем е што МНР бара, седницата на која ќе се разговара за испраќањето на Димовски во Париз да биде затворена.

Седницата треба да продолжи во петок, а Димовски го најавил своето присуство преку писмено известување до пратениците. Ова не е прв пат, контроверзни личности да добијат македонски пасоши. Пред две години силно одекна скандалот дека македонските пасоши со туѓ идентит добиле светски барани криминалци, обвинети а дел и осудени за трговија со дрога, меѓу кои беа Седат Пекер, Јован Вукотиќ, Валид Иса Хмаис, Флоријан Мусаи, Стефан Ѓулиќ и Жељко Бојаниќ.

Адријана Алексиеска

Advertisements