Раселените од конфликтот во 2001 стравуваат дека ќе останат на улица

Домовите во родното село се урнати, живеат во изнајмени станови за кои државата се уште ја покрива киријата, но, сега би можеле да останат и без таа минимална сатисфакција. На Раселените од Радуша, по како што велат, бескорисни шетања низ институциите, во Министерството за труд и социјална политика им било сугерирано секој засебно да побараат да добијат социјални станови. Тие немаат ништо против тоа, но се плашат дека во начинот на кој им се предлага добивањето социјални станови се крие замка, со која би можеле да останат и без покрив над главата и без статус на Внатрешно раселени лица.

Постои и дополнителен проблем, становите кои евентуално би ги добиле, би биле целосно празни,а нивната социјална состојба е таква што немаат никакви можности самите да си набават ниту најосновна покуќнина. Од Труд и социјала им соопштиле дека не можат да се надеваат на обесштетување за изгубените домови во Радуша.

Велат дека животот кој зависи од туѓа помош самиот по себе е ужасен, децата им растат како потстанари, а државата само бара начин безболно да се ослободи од нив и нивната мака. Се жалат дека комисиите кои ги испраќа министерството со нив се однесуваат нељубезно и дека одвај чекаат некој да не биде затекнат во домот за кој државата плаќа станарина, за да ги избришат од списокот на внатрешно раселени лица.

Своевремено некои од нив самите конкурирале за социјални станови, но тогаш биле одбиени со образложение дека Труд и социјала ќе им го реши поинаку проблемот, но годините минуваат а тие и натаму се ниту на небо ниту на земја.

Од Министерството за труд и социјална политика за Алфа одговорија дека продолжуваат да се грижат за преостанатите раселени лица. Потврдуваат дека било разговарано за решавање на нивното станбено прашање во други градови. Во врска со стравувањата дека би можеле да влезат во категоријата „лице во социјален ризик“, велат дека критериумите се мошне прецизно уредени со Законот за социјална заштита. Додаваат дека постапката за поднесување на барање за користење на стан во државна сопственост, е прецизно разработена во Законот за домување, а Министерството работи професионално за да гарантира дека социјалните станови припаѓаат на оние на коишто навистина им се потребни.

Драган Милосављевиќ