Рамиз Мерко и Дрин Ахмети „главни ѕвезди“ на седницата за пратенички прашања

Рамиз Мерко и Дрин Ахмети „главни ѕвезди“ на Седницата за пратенички прашања. Опозицијата алармира дека состојбата со корупцијата и криминал е катастрофална а одговорност нема ниту на повидок. Димитар Ковачевски за ВМРО-ДПМНЕ е циркузант кој не само што немал храброст да побара оставка од струшкиот градоначалник кој е на црната листа на САД, туку и се плашел да им каже „добар ден“ на, како што рече, криминалците на ДУИ.

„Се плашите, оти ако побарате оставка криминалците ќе ја напуштат коалицијата и ќе треба да одите на избори. Овој премиер се плаши да им каже добар ден, а не да им побара оставка. Вие изигрувате циркузант во наоѓањето оправдување за нив. Се плашите и немате храброст да побарате оставка од криминалец кој е ставен на црна листа на САД. Но, кога ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт сите тие криминалци ќе биде изведени пред правдата“, кажа Стојаноски.

„Доколку ги погледнете основите по кои е донесена одлуката од Стејт департментот за ставање на црната листа, во текот на извршувањето на функцијата бил во коалиција со сите политички партии, вклучително и со вашата во најдолг период од неговата кариера, тогаш мојата порака би била – доколку не работеле во интерес на граѓаните, за што треба да потврдат институциите,  не само градоначалникот на Струга, туку и сите советници од сите советнички групи кои поддржувале одлуки во текот на сиот изминат период сите заедно треба да си дадат оставка“, рече премиерот.

Опозицијата праша и како внукот на Али Ахмети на само 24 години се стекнал со толкав имот, алудирајќи на трговскиот центар „Соравиа“. Ковачевски не сакаше да коментира од каде му биле фирмите на младиот Ахмети, но ја повика Управата за финансиско разузнавање да го провери текот на парите, при меѓународната трансакција.

Внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети има 24 години и поседува вкупно 4 компании. Самиот на прес конференција изјави дека на 18 годишна возраст почнал истовремено да работи и да студира и тоа помогнало во неговото искуство. Според информациите се едуцирал на приватниот Aмерикан Kолеџ каде што студирал две години, а потоа продолжил во Рим и се запишал државниот универзитет каде што студирал уште две години. И покрај тоа што на веб страницата на универзитетот, времетраењето на студиите е 3 години, значи симптоматично е уште неговото образование, изјави пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

-Дали некој на 24 години се стекнал со сопственост тоа е нешто не е поврзано со годините, меѓутоа начинот на кој што кој било се стекнал со сопстевност, доколку постои сомнеж за тоа, а вие имате сомнеж, тоа се проверува институционално. При ваква трансакција Управата за финансиско разузнавање е обрзана да го провери текот на парите исто како и за сите други трансакции со вакви износи. Сите трансакции на фирмите кои се вклучени во ваква аквизиција се проверуваат во УЈП и во Централниот регистар за да се провери плаќањето на соодветените даноци. Исто така треба и УЈП и  Централниот регистар соодветно да постапат при една ваква трансакција, рече премиерот Ковачевски.

Претходно опозицијата реагираше дека се прави сценарио да се избегнат прашањата, по што излегоа од салата и рекоа дека ќе се вратат кога ќе започнат да се поставуваат прашањата на пратениците од опозициските партии, бидејќи пратеници од власта поставија 49 прашања.

Адријана Алексиеска

https://youtu.be/FaDWayDZJ9I
Advertisements