Разочарани „шарени“ – прашуваат за што била целата „револуција“

Рѓосана тупаница на шарената револуција – овој амблем на маичката на поранешниот шарен револуционер Зоран Јованоски е симболика за разочараноста од политиките на актуелната власт. Прашува „За што се боревме“ и вели оти ништо од онаа идеологија за која се залагаше шарената револуција не било испорачано. Според шарените, со последните случувања околу аферата „Рекет“ падна во вода и последната надеж за правна држава – теза која беше водечка сила во борбата на револуционерите против т..н. режим.

„Токму ние го издејствувавме СЈО, кое што на почетокот беше добро моделирана институција којашто требаше епохално да смени некои работи во нашето општество. Ова што сега се случи е стварно запрепастувачки“, вели поранешниот шарен револуционер Зоран Јованоски.

Случајот „Рекет“ ги вознемири шарените и оние кои се бореа за пад на режимот. Колку повеќе одмор – толку помалку време за работа, помалку резултати, послаб предмет, пиша на својот Фејсбук профил еден од најистакнатите лица на шарената револуција, екс пратеникот Павле Богоевски алудирајќи на обвинителствата кои тераа одмор наместо да работат на случајот.

За Здравко Савески, кои исто така беше дел од шарената револуција, самото сомневање во јавноста дека е можно еден функционер да е вмешан во таков срамен скандал, треба да биде мотив за оставка.

За Никола Писарев, пак, државата била подготвена за сериозен доктор и лечење.

И професорката Најчевска, реагираше по вчерашната изјава на премиерот. Таа вели дека не може да ја урнат власта неколку криминалци, еден не баш добар новинар и човек со поинаква сексуална ориентација, туку еден премиер кој не ги гледа криминалците околу себе.

Биљана Божиновска